Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија ги известува граѓаните верници кои ќе патуваат на годинашниот Хаџ и Умра во Саудиска Арабија, да ја посетат епидемиолошката служба во надлежниот Центар за јавно здравје/подрачна единица во местото на живеење за да ги примат потребните вакцини, како и да добијат здравствени совети за превенција од заразни болести.

Заразни болести кои се значајни за време на Хаџ и Умра

Жолта треска

Само верниците кои доѓаат од земји и предели кадешто се регистрира жолта треска и постои ризик за трансмисија на болеста треба да прикажат доказ за вакцинација. Вакцина против жолта треска не е потребна за граѓани на РСМ кои патуваат во Саудиска Арабија.

Менингококен менингит

Возрасни лица и деца над 2 годишна возраст кои ќе патуваат на Хаџ, Умра или за сезонска работа во Хаџ зоните, потребно е да поседуваат валиден вакцинален сертификат за примена 4-валентна вакцина против менингококна болест (ACYW) најдоцна 10 дена пред пристигнувањето, односно влегувањето во Саудиска Арабија. Вакцинацијата со вакцина против менингококна болест се врши во  ЦЈЗ/ПЕ кои се овластени институции од страна на Министерството за здравство.

Претходна вакцинација со ЕДНА од следните вакцини се прифаќа:

  • 4-валентна полисахаридна вакцина против менингококна болест (ACYW) во последните 3 години.
  • 4-валентна коњугирана вакцина против менингококна болест (ACYW) во последните 5 години.

Сертификатот за вакцинација треба задолжително да го содржи типот на вакцината и дата на вакцинација со цел да се запази периодот на важност. Ако типот на вакцината не е наведен во сертификатот, сертификатот за вакцинација ќе биде важечки 3 години од денот на вакцинација.

Министертвото за здравство на Саудиска Арабија може да даде профилактички антибиотици на некои патници на влезот во државата доколку смета дека е неопходно.

 

Сезонски грип

Се препорачува сите лица кои ќе патуваат на Хаџ, Умра или за сезонска работа во Хаџ-зоните да се вакцинираат против сезонски грип.

Вакцинацијата против грип е особено важна за бремени жени, деца под 5 години, возрасни над 65 години, лица со хронични заболувања (како хронични заболувања на срцето, белите дробови, бубрези, црн дроб или хематолошки заболувања) како лица со имуноуспресивни заболувања ( како ХИВ / СИДА, кои примаат хемотерапија или кортикостероиди, или со малигнитет). Се препорачува оваа вакцина да се аплицира најмалку 10 дена пред пристигнувањето на Хаџ.

Секторот за контрола и превенција на заразни болести при Институтот за јавно здравје препорачува аџиите да си го проверат и ажурираат својот вакцинален статус во однос на сите болести против кои во земјава се спроведува рутинска вакцинација. Ова вклучува проверка на вакциналнот статус против дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, рубеола и заушки.

 

Блиско Источен респираторен синдром – Корона вирус (MERS-CoV) и други респираторни инфекции

Со цел заштита од инфекции со MERS-CoV, но и други респираторни инфекции кои може да се појават и прошират при масовни собири, се препорачува сите верници да се придржуваат кон следниве препораки:

  • Миење на рацете со сапун и вода или со средство за дезинфекција, особено по кашлање и кивање, после користење на тоалети, пред ракување и конзумирање храна, и по допирање на животни.
  • Користење на шамивчиња за еднократна употреба при кашлање или кивање и фрлање на искористените шамивчиња во корпа за отпадоци.
  • Носење на маски за лице на преполни/претрупани со луѓе места.
  • Избегнување контакт со оние кои изгледаат дека се болни и избегнување на контакт со нивните лични работи.
  • Избегнување посети и контакт со камили на фарми, пазари или штали.
  • Избегнување консумација на непастеризирано млеко или јадење на сирово месо или животински производи кои не се темелно зготвени.

 

Зика болест и денга

Се препорачува верниците дојдени на Хаџ и Умра да преземат неопходни мерки за да избегнат каснување од комарци во тек на денот и ноќта, кои вклучуваат:

  • носење заштитна облека (по можност во светли бои) што покрива колку

што е можно повеќе од телото

  • користење на физички бариери како што се мрежи на прозорци и затворени врати
  • спиење во климатизирани простории/шатори
  • користење на репеленти за заштита од инсекти (согласно упатствата на производителот).

 

Заболувања кои се пренесуваат преку храна и вода

Властите во Саудиска Арабија, при пристигнувањето на Хаџ и Умра, не дозволуваат внес на храна освен во мали количини, правилно конзервирани или во запечатени кутии. Со цел спречување на заболувања кои се пренесуваат со храна и вода, на верниците им препорачува да ги практикува следните мерки за заштита:

  • Мијте ги рацете пред и после јадење, и после одење во тоалет
  • Темелно исчистете и измијте го свежиот зеленчук и овошје
  • Консумирајте термички обработена храна
  • Чувајте ја храната на соодветни, безбедни температури
  • Чувајте свежа и варена/готвена храна одделно
  • Користете само пакувана вода

Состојби поврзани со високи надворешни температури

Се препорачува на сите верници особено на постарите лица, да избегнуваат директна изложеност на сонце додека вршат ритуали и да пијат доволно количество на течности. Лековите кои можат да ја влошат дехидрацијата (на пр. диуретиците) или други лекови кои може да имаат влијание од температурните промени треба да се прилагодат од страна на лекарите кои ги препишале.

 

Секторот за контрола и превенција на заразни болести при Институтот за јавно здравје им препорачува на своите граѓани кои планираат патување на Хаџ и Умра, пред патувањето да го посетат својот матичен лекар и да побараат совет и препораки за заштита на здравјето за време на патувањето земајќи ја во предвид нивната актуелна здравствена состојба. По потреба при хронична болест или специфична состојба на организмот, да се посети  соодветен доктор специјалист пред патувањето.

По враќањето од Хаџ/ Умра, доколку некој од верниците развие треска или симптоми на респираторна болест во рок од 14 дена, веднаш да се јави на лекар и да даде информација за неодамнешното патување.