Ерадикација на сиромаштијата

Според проценки на ОН во светот има повеќе од 2,2 милијарди луѓе кои се сиромашни или на праг на сиромаштија. Програмата на ОН за развој (УНДП) како главни причини за раст на сиромаштијата ги наведува поскапување на храната и војните, но и финансиската криза и природните катастрофи.

ОН вели дека основната социјална заштита за најсиромашните во светот би чинела помалку од два отсто од светскиот БДП.

Здравствениот систем, според Светската здравствена организација, се сите чинители и активности чија примарна цел е да го унапредат, подобрат или одржат здравјето на граѓаните.

Организираните здравствени услуги се само еден од многубројните фактори за одржување на доброто здравје, излекување од болести или олеснување на живеењето од истите. Основа на здравствениот систем во Република Македонија е примарната здравствена заштита ориентирана кон поединецот, семејството и заедницата, со акцент на превентивната здравствена заштита и задоволување на најголемиот дел од здравствените потреби на населението.Врз здравјето влијаат  голем број  фактори од надворешна средина, еколошки, социјални, економски како и фактори поврзани со стилот на живеење и со другите сектори на живеење.  Чувањето и унапредувањето на здравјето е главниот инструмент во подобрувањето на здравствената состојбата на населението, а особено на вулнерабилните групи.

Во моментов Европа се соочува со тренд на зголемување на сиромаштијата и социјалната ексклузија, како и влошување на животните услови. Околу 125 милиони луѓе се во ризик од сиромаштија или социјална ексклузија во ЕУ, што е еднакво на 24,8% од вкупното население (Еуростат, 2014:27).

Сиромаштијата го одразува неуспехот на системот во обезбедувањето ресурси и можности на правилен и праведен начин. Ова доведува до длабоко вкоренети нееднаквости и огромен контраст помеѓу оние со огромно богатство во своите раце на сметка на другите кои се принудени да живеат ограничени и маргинализирани животи иако живеат во богата економска област. Искуството покажува дека кризата во светот имала поразителен удар врз земјите каде нееднаквоста е изразена и кои имаат послаб систем за социјална заштита. Уште повеќе, политиките за штедење и намалувањата на услугите за социјална заштита го зголемија бројот на луѓе кои живеат во сиромаштија.

Дебатите за сиромаштија во ЕУ најчесто се тесно поврзани со социјалната ексклузија. Терминот социјална ексклузија служи да се потенцира процесот при кој луѓето се доведени до работ на општеството, при што имаат ограничен пристап до ресурсите и можностите, ограничувајќи го нивното нормално учество во општествениот и културен живот при што тие се чувствуваат маргинализирано, немоќно и дискриминирано.Поради својата сложена природа, дејноста на здравствената заштита и системот на здравственото осигурување за секој жител посебно и за државата се од исклучително значење и во таа смисла за нивно одржување  се наметнуваат високи барања за сите чинители кои на било кој начин во него учествуваат.

Уставот на Република Македонија вели:

Член 9: Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба.

Член 39: На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.“

Уставот на РМ, меѓународните акти, Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, подзаконските акти и другите правни прописи треба да обезбедат правна поддршка за гарантиран и одржлив здравствен систем, но реалноста покажува дека нема место за неумерен нормативен оптимизам. Недоволното познавање на правата за здравствена заштита и осигурување за поголемиот број на претставници од ромската заедница најчесто претставува непремостлива пречка и го продлабочува социјалниот јаз и нееднаквост и директно влијае на лошата здравствената состојба на Ромите и општата здравствена кондиција на целото население во државата.Поради сето ова потребно е унапредување на пристапот и квалитетот на здравствената заштита за социјално исклучените групи, како и пристап до квалитетни услуги за долготрајна нега на социјално ранливите и исклучени групи:

  • Елиминирање на нееднаквостите во здравствената заштита и обезбедување на еднаков пристап до здравствената заштита;
  • Овозможување на пристап до советниците за заштита на правата на пациентите во сите стационарни здравствени установи, и информирање на граѓаните за постоењето на оваа институција, согласно со Законот за заштита на правата на пациентите
  • Целно информирање на ранливите групи во однос на правата од сферата на здравството, и особено на правото на недискриминација, во соработка на надлежните институции и граѓанскиот сектор
  • Унапредување на пристапот до здравствена заштита на лицата без здравствено осигурување или соодветна лична документација.

Република Македонија има Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020, со цел поефикасно планирање на идните активности за постигнување на стратешките цели, како и унапредување на состојбите и намалување на дискриминацијата. Во иднина се планира поуспешна работа на ова поле, како и соработка со поголем дел од институциите кои се од круцијално значење за намалување на сиромаштијата и елиминирање на нееднаквостите и обезбедување еднаков пристап.

Користена литератува:

1.Здравствена стратегија на Република Македонија,2020 сигурен, ефикасен и правичен здравствен систем; Министерство за здравство,2016

2.Прирачник за права на здравствено осигурување, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Available from URL: www.osce.org/skopje;

3.Сиромаштија и нееднаквост во ЕУ, прирачник на ЕАПН,2014;

4. Придонесот на значајните социјални иновации за намалување на сиромаштијата, брошура на ЕАНП, февруари,2016.

 Подготвил: Сектор за промоција, анализи и следење на незразни болести