Податоци за епидемијата од оваа болест до: 27.07.2014

Епидемиологија и надзор

Помеѓу 24 и 27 јули 2014 година, пријавени се 122 нови заболени (лабораториски потврдени, веројатни и сомнителни) и 57 смртни случаи во Гвинеја, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне. Трендот на епидемијата на Ебола останува неизвесен, трансмисија продолжува да се случува и во заедницата и во болничките установи. Порастот на бројот на нови случаи ЕВБ повикува на концентрирани напори од страна на сите инволвирани, за решавање на идентификуваните проблеми, како што се трансмисијата во здравствените установи и ефективното следење на контактите.

На 29 јули 2014 година, Националната фокална точка за IHR за Нигерија потврди дека веројатниот ЕВБ случај за кој СЗО извести на Јули 27, 2014 бил со симптоми кога пристигнал во Нигерија и дека досега биле идентификувани 59 контакти (15 од аеродромот и 44 од болницата). Во извештајот, исто така потврдува дека пациентот патувал со авион и пристигна во Лагос, Нигерија, на 20 јули преку Ломе, Того, и Акра, Гана. Примерокот од овој случај сѐ уште не е испратен до Колаборативен центар на СЗО – Институтот Пастер во Дакар, Сенегал, поради одбивањето од страна на транспортните компании за транспорт на овој примерок. Иако досега е откриен само еден веројатен случај во Нигерија, појавата на Ебола вирусна инфекција во оваа земја упатува значаен развој во насока на оваа епидемија.

Националните власти во Гана, Нигерија и Того продолжуваат да соработуваат со СЗО и партнерите за идентификацијата и следење на контактите, како и во подготвувањето на планови за одговор на епидемијата.

Одговор на здравствениот сектор

Во обид да се забрза одговорот кон тековната епидемија во Западна Африка, генералниот директор на СЗО континуирано одржува разговори со донаторската заедница, развојните партнери и меѓународните агенции. Фокусот на дискусијата е центриран на потребата за брзо распоредување на дополнителни човечки и финансиски ресурси кои ќе помогнат за прекин на трансмисијата на Ебола и ставање крај на епидемијата.

Во тек се напори за да се зајакнат сите аспекти на одговор кон епидемијата во овие четири земји, вклучувајќи го следењето на контактите, јавното информирање и мобилизирање на заедницата, управување со случаите и координација, превенција и контрола на инфекцијата. СЗО исто така тесно соработува со различни партнери со цел финализирање на националните планови за одговор кои ја дефинираат потребата за итен одговор во согласност со стратегијата донесена од страна на земјите-членки во Акра.

СЗО и партнерите – GOARN, CDC, MSF, UNICEF, IFRC, Институтот Пастер од Дакар, Save the Children, Plan Guinea, и други – ја продолжуваат меѓусебната соработка преку Суб-регионалниот Координативен Центар за епидемијата на Ебола (SEOCC) во Конакри, формиран минатата недела, со цел побрзо ставање под контрола на оваа епидемија.

СЗО не препорачува рестрикции во патување или трговија за Гвинеја, Либерија, Нигерија или Сиера Леоне, врз основа на сегашните информации за овој настан.

Ажурирани податоци за болеста

Нови заболени и смртни случаи кои се должат на вирусот на Ебола продолжија да се пријавуваат од страна на Министерствата за здравство во четирите западноафрикански земји – Гвинеја, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне. Помеѓу 24 и 27 јули 2014 година, беа пријавени 122 нови случаи на заболени од Ебола, вклучувајќи и 57 смртни случаи: Гвинеја, 33 нови заболени и 20 смртни случаи; Либерија, 80 нови заболени со 27 смртни случаи; Нигерија, 1 заболен и 1 смртен случај; и Сиера Леоне, 8 ново-заболени и 9 смртни. Овие бројки ги вклучуваат лабораториски потврдените, веројатните, сомнителните случаи и смртни случаи предизвикани од вирусот на Ебола.

До 27 јули 2014 година, кумулативниот број на случаи Ебола во четирите земји изнесува 1.323 заболени, вклучувајќи 729 смртни случаи. Дистрибуцијата и класификацијата по земји е следна: Гвинеја, 460 заболени (336 потврдени, 109 веројатни и 15 сомнителни) и 339 смртни случаи; Либерија, 329 заболени (100 потврдени, 128 веројатни и 101 сомнителен) и 156 смртни случаи; Нигерија, 1 заболен (веројатен случај) и 1 смртен случај; и Сиера Леоне, 533 заболени (473 потврдени, 38 веројатни и 22 сомнителни) и 233 смртни случаи.

Табела 1. Потврдени, веројатни, сомнителни и смртни случаи од вирусот на Ебола во Гвинеја, Либерија, Нигерија и Сиера Леоне, до 27 јули 2014

Нови* Потврдени Веројатни Сомнителни Вкупно по земја Стапка на смртност
Гвинеја
Заболени 33 336 109 15 460 74,00%
Умрени 20 218 109 12 339
Либерија
Заболени 80 100 128 101 329 47,40%
Умрени 27 72 62 22 156
Сиера Леоне
Заболени 8 473 38 22 533 43,70%
Умрени 9 195 33 5 233
Нигерија
Заболени 1 0 1 0 1 100,00%
Умрени 1 0 1 0 1
Вкупно
Заболени 122 909 276 138 1.323 55,10%
Умрени 57 485 205 39 729
* Пријавени случаи меѓу 24 и 27 Јули 2014 година.

Вкупниот број на случаи е предмет на промена поради рекласификација, ретроспективна истрага, консолидација на случаи и лабораториски податоци и подобрен надзор. Податоците објавени во извештајот се базирани на најдобрите достапни информации пријавени од страна на Министерствата за здравство.