Во текот на 43ата недела од 2021 година (од 25-31.10.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 73 случаи (I=3,5/100.000) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната во споредба со минатата сезона и просекот.

Заболените лица се регистрирани во Дебар – 32, Охрид – 16, Гостивар – 9, Скопје – 8, Тетово – 5 и Кавадарци – 3. Во однос на возрасната група од 0-4 години и од 15-64 години регистрирани се по 26 лица, 12 лица се пријавени од 5-14 години и 9 лица од возрасната група над 65 години.

 

Кумулативно, од почетокот на сезоната, пријавени се 102 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. Од нив, 33 се од Дебар, 30 од Охрид, 23 од Гостивар, 8 од Скопје, 5 од Тетово и три од Кавадартци. Според возрасната дистрибуција, најголем дел од пријавените (47) се на возраст од 15-64 години.

 

Во текот на 43-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 196 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 7 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Досега е пристигнат 547 материјали паралелно тестирани за грип и COVID-19 и сите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот.

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најдобра заштита од ова заболување, затоа Институтот за јавно здравје дава препорака за целото население, особено за лица со хронични заболувања и лица со состојби на намален имунитет, да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или Подрачна единица за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 42-ра недела 2021 година, активноста на вирусот на грип е на ниско ниво, а во Хрватска и Киргистан се регистрира рано зголемување на активноста како резултат на инфекции со A(H3).

Спорадично е детектиран вирусот на грип кај примероци од лица со респираторни заболувања кои се јавуваат на медицинска нега. Откриени се Influenza A и B, при што преовладува подтипот А(H3). Influenza A вирусот е детектиран кај два пациенти на интензивна нега. Кај дванаесет САРИ случаи од болнички установи е детектиран подтипот А(H3).

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје