Во периодот од 07.06 – 13.06.2019, пријавени се вкупно 70 нови случаи на мали сипаници.
Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 11 случаи се од Скопје, а останатите 59 се од 8 други градови во С. Македонија – Тетово (16), Струга (10), Гостивар (9), Велес (8), Куманово (7), Штип (5), Охрид (3) и Валандово (1).
Во тек на оваа недела најголем број на случаи (33) се на возраст над 30 години.
Според вакциналниот статус, 55 односно 78,6% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 13.06.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.891 случај на мали сипаници со стапка на заболување од 91,4 на 100.000 жители.
Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 24 градови, од нив 989 случаи се од Скопје, Куманово – 221, Тетово – 194, Струга – 136, Кичево – 64, Гостивар – 63, Велес – 54, Штип – 41, Дебар – 30, Охрид – 30, Гевгелија – 19, Прилеп – 12, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 200,4/100.000, Скопје 160,1/100.000 и Куманово 154,9/100.000 (Графикон 1).
Графикон 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија, декември 2018 – јуни 2019
Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 861 (45,5%), а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 67,6 на 100.000 жители. Највисока стапка од 1.334,9 заболени на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година, каде се пријавени 312 (16,5%) заболени. Кај децата на возраст од 1-4 години се регистрираат 263 случаи (13,9%) со стапка од 283,3 на 100.000 жители (Графикон 2).
Графикон 2.Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст, декември 2018-јуни 2019 (n=1.891)
Според вакциналниот статус, 1.420 или 75,1% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 312 (22%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.
Од вкупно 263 заболени деца на возраст од 1-4 години, 86,7% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 861 заболен кај лицата над 30 годишна возраст, 74,1% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од пријавените случаи, 797 или 42,2% биле хоспитализирани, а кај 281 (14,9%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=124; 44,1%), и тоа 74 (26,3%) – кај деца до една година и 50 (17,8%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје се вакцинирани 15.250 деца, додека во останатиот дел од државата се вакцинирани 14.607 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 29.857.
Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се аплицирани вкупно 5.115 дози на вакцина, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.
Сектор за контрола и превенција на заразни болести
ИЈЗ Скопје