Во текот на изминатата 44 недела (28.10 – 03.11.2017) не се регистрирани нови случаи на мали сипаници во Р. Македонија. Вкупниот број на заболени останува непроменет во однос на претходната недела, и заклучно со 03.11.2017 изнесува 19 случаи.

Првите пет случаи на мали сипаници во 2017 година се регистрирани на 22.09.2017 во населбата Кванташка депонија – Маџари во Скопје. ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на територијата на општина Гази Баба – Кванташка депонија, на 25.09.2017. Последниот регистриран случај на мали сипаници е на 24.10.2017 година.

Вакцинација со МРП вакцина продолжува да се спроведува согласно препораките за засилени активности за изнаоѓање на неевидентирани лица подлежни на МРП (за прва и втора доза),  како и на лица кои се пропуштени односно се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, и нивно вакцинирање согласно Календарот за имунизација.

Во текот периодот од 25.09-03.11.2017 година, заклучно со 44 недела, согласно препорачаните противепидемиски мерки за засилени вакцинални активности со МРП вакцина, на територијата на Р. Македонија беа вакцинирани вкупно 14.137 лица со МРП вакцина, од нив  3.949 со прва доза, а 10.188 со втора доза кај училишните деца. За овој период, откриени се и вакцинирани 108 неевидентирани лица, потоа 994 лица пропуштени за вакцинација со прва доза и 342 лица пропуштени за втора доза, кои исто така се вакцинирани. Од вкупно вакцинираните лица,  48,1% се вакцинирани на територијата која ја покрива ЦЈЗ Скопје.

 

 

Скопје, 08.11.2017

Сектор за превенција и контрола на заразни болести

ИЈЗ Скопје