Моментална состојба во Р. Македонија
Во периодот од 29.12.2018 – 04.01.2019 година, регистрирани се 12 сомнителни случаи на мали сипаници од кои 7 се лабораториски потврдени.
Заради појавата на зголемен број на случаи на мали сипаници, регистрирани во краток временски период на подрачјето на град Скопје, како и појавата на нови случаи од повеќе општини за кои не може да се утврди епидемиолошка врска, ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на град Скопје на 02.01.2018.
Од лабораториски потврдените случаи во последната недела, 6 се деца на возраст од 8 месеци до 4 години, и еден е возрасен на 32 години, а според вакциналниот статус ниту еден не е вакциниран против мали сипаници.
Сите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Од страна на епидемиолошката служба во ЦЈЗ Скопје се превземаат активности и мерки на терен во однос на откривање на контактите, проверка на вакциналниот статус и нивно вакцинирање, согласно Правилникот и Календарот за имунизација и согласно препораките на Комисијата за заразни болести при МЗ.
Од 01.01.2018 година до 04.01.2019, во Република Македонија се регистрирани вкупно 69 случаи на мали сипаници. Најголем број (n=36) од регистрираните случаи се жители на територија на ЦЈЗ Скопје, а 25 лица се од територијата на ПЕ Дебар, 4 случаи се од Куманово, два случаи од Охрид, а по еден случај е од Тетово и Струга.
Возраста на заболените се движи од 5 месеци до 59 години, 46,4% од заболените се деца на возраст до 4 години, a 37,7% се на возраст над 30 години.
Најголем број од заболените (24) се регистрирани во јули месец, кога е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Поединечни случаи се регистрирани во септември и октомври. Во текот на декември се заболени 16 лица.
На неделно ниво, најголем број на заболени се регистрирани во 30-та и 52-ра недела (n=8).
Од вкупниот број на случаи, 58 или 84% се лабораториски потврдени. Од лабораториски потврдени случаи, 86,2% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, додека 8 лица се вакцинирани со две дози на вакцина.
Препорачани мерки и активности
Да се прошири спроведувањето на претходно донесените мерките и активностите на целата територија на градот Скопје
- Да се спроведе вакцинација на територија на град Скопје со МРП вакцина на сите невакцинирани или некомплетно вакцинирани деца на возраст од 6 месеци до 14 години, согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
- Да се провери вакциналниот статус на сите лица на возраст од 15 до 45 години кои биле во непосреден контакт (фамилијарен или друг) со веќе заболените лица, и доколку се невакцинирани или некомплетно вакцинирани против мали сипаници или не ја прележале болеста, да се повикаат во ЦЈЗ Скопје и веднаш да се вакцинираат.
- Во предучилишните установи на територијата на град Скопје да не се примаат деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина додека трае епидемијата на мали сипаници, а ДСЗИ ќе врши контрола на спроведувањето на оваа мерка.
Да се продолжи со спроведување на мерки и активности на територијата на целата држава
- Да се продолжи со засилен епидемиолошки надзор на фебрилните исипи на територијата на град Скопје и целата држава;
- Вакциналните тимови oд сите вакцинални пунктови во државата, во соработка со патронажните сестри да направат прочешлување на вакциналните картончиња со цел избарување на деца подлежни на МРП вакцинација до 14 годишна возраст, а невакцинираните и некомплетно вакцинираните веднаш да се повикаат и вакцинираат, согласно Правилникот и Календарот за имунизација;
- Епидемиолошките служби при ЦЈЗ/ПЕ во соработка со ДСЗИ да продолжат со засилената контрола во вакциналните пунктови, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП од 12 месеци до 14 години (за прва и втора доза), изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица;
- Да се води редовна евиденција за бројот на вакцинирани лице од подлежните за МРП вакцина (невакцинирани и некомплетно вакцинирани) и да се информира ЦЈЗ/ИЈЗ на неделно ниво.
Скопје, 04.01.2019
Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје