Насилството врз жените е термин кој се однесува на сите акти на насилство што примарно или исклучиво се извршени врз жени. Генералното собрание на Обединетите Нации го дефинира овој термин како “било каков чин на родово насилство кој сигурно или најверојатно резултира во физичко, сексуално или ментално страдање на жените, вклучувајки и закани за такви чинови, принуда или лишување од слобода, без разлика дали се случува во јавниот или приватниот живот”.
Насилството врз жените вклучува физичко, сексуално и психолошко семејно насилство (тепање, сексуално насилство во семејството, брачно силување, осакатување на гениталиите и други традиционални ритуали опасни за жените, вон-брачното насилство), насилство во заедницата (силување, сексуална злоупотреба и/или вознемирување на работното место, образовните институции или на друго место, трговијата со жени и принудната проституција), и насилство извршено или осудено од страна на државата.
Насилството се манифестира на неколку основни начини, како што се физичко, психолошко, економско, структурално насилство. Во најголем број, насилството е комбинација од физичко, сексуално и психолошко насилство со позадина на структурно насилство.
Насилството врз жената претставува повреда на човековите права што се манифестира како резултат на дискриминаторскиот третман, односно нееднаквоста меѓу мажите и жените. Тоа е посегнување врз личноста на жртвите и нивното човечко достоинство и претставува прекршување на човековите права.
Не постои земја во светот која не е засегната од овој глобален проблем. Во некои земји, дури 7 од 10 жени ќе бидат тепани, силувани, злоупотребувани или осакатени во текот на нивниот живот.
Според глобалниот преглед на достапните податоци во 2013 година(СЗО), 35% од жените низ целиот свет имаат искусено физичко и/или сексуално насилство од страна на партнер, или трето лице. Некои национални истражувања за насилство покажуваат дека 70% од жените во својот живот искусиле физичко и/или сексуално насилство од страна на интимен партнер. Од вкупниот број на убиени жени во 2012 година, скоро половината биле убиени од интимни партнери или членови на семејството. Доста често случаите на семејно насилство поминуваат непријавени. Во светски рамки, повеќе од 700 милиони жени биле венчани под 18 год, а околу 250 милиони помали од 15 год. Околу 120 милиони девојчиња во светски рамки имаат искусено принуден сексуален однос. Повеќе од 133 милиони девојки и жени имаат искусено некоја форма на осакатување на женските гениталии, особено во некои Афрички и земји на Блискиот Исток каде оваа пракса е најчеста. Трговијата запленува милиони жени и девојки во модерно ропство, како принудна работна сила или принудна сексуална експлатација. Помеѓу 40% и 50% од жените во земјите на Европска Унија доживуваат несакани сексуални потфати, физички контакт или други форми на сексуално малтретирање на работно место.
Токму искоренувањето на насилството врз жените е една од клучните приоритети на Oбединетите Нации и вклучува широк спектар на програми за справување со оваа пандемија на глобално ниво. Обединетите Нации го поддржуваат проширувањето (зголемувањето) на достапноста ( пристапот) до квалитетни повеќе- секторски одговори за жртвите, кои покриваат безбедносни, здравствени, правни и други основни услуги. Тие се залагаат за застапување закони, политики и акциони планови кои помагаат за постепено зголемување на инвестициите во спречувањето на насилството.Тоа впрочем значи дека на исплатлив, долгорочен начин би се прекининало насилството врз жените, преку решавање на коренот на причините за истото.
Ценејќи ја потребата од посебна заштита на жените од овој тип насилство, Генералното собрание на Обединетите Нации, со резолуција 54/134, на 17 декември 1999 год., го утврди 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилството врз жените, на што претходела Декларацијата за борба против насилство врз жената од 20 декември 1993 год. Ова било инспирирано од бруталното убиство на сестрите Мирабел, политички активистки од Доминиканската Република во 1960 год.
Оваа година, кампањата на Обединетите Нации е продолжување на “портокаловиот ден” за уште 16 дена, почнувајќи од 25 ноември до 10 декември кога е Светскиот ден за човекови права. Секој 25-ти во месецот Обединетите нации го прогласија за портокалов ден. Кампањата има за цел да се зголеми свеста и да се превземат конкретни мерки за прекинување на насилството врз жените и девојчињата.
25 Ноември е меѓународен ден за борба против насилство врз жените, односно ден кога јавно се зборува за овој проблем со цел зголемување на свесноста.
И покрај фактот дека насилството врз жените е глобална пандемија, во Република Македонија се пренабрегнуваат фактите и не се обрнува потребното внимание за подобрување на состојбата од аспект на неговото спречување и заштита на жртвите и гонење на сторителот.
Република Македонија е потписничка на Конвенцијата на Советот на Европа (Истамбулска Конвенција,2011) за спречување и борба против насилство врз жената и семејно насилство, која за прв пат во Европа, утврдила правно обврзувачки стандарди за спречување на насилства врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, за заштита на жртвата и казнување на сторителот. Одбележувањето на 25 ноември воедно претставува и апел до Владата и Собранието на РМ за поскоро ратификување на Истамбулската Конвенција и прилагодување на законската регулатива во согласност со одредбите на конвенцијата.
Насилството врз жената претставува глобален проблем и е перманетен фокус на светската јавност преку презентација на различни решенија за негова елиминација, бидејќи не постои едно решение кое ќе стави крај на насилството врз жените. Сепак, да се подигне гласот на луѓето и да се каже “НЕ” на насилството е меѓународен повик и апел на организациите за борба против насилството. Со цел ефикасно да се реши проблемот со насилството врз жените, потребен е сеопфатен пристап кој вклучува широк спектар на учесници. Овој пристап мора да го опфати изготвувањето на закони и политики, да воспостави услуги за спречување и поддршка, и да ги промени нормите и однесувањето на мажите, како и да вклучи собирање податоци и истражување. Подигнување на свеста и кампањите за степенот и влијанието на насилството се важни компоненти од обидите за неговата превенција, но тие мора да бидат пропратени со едукативни програми и мобилизација за да се добијат одржливи резултати.
Факти за насилството врз жената:
- Доста често случаите на насилство врз жените поминуваат непријавено. На пример, истражување базирано на интервјуа со 42.000 жени од 28 земји членки на Европската Унија покажало дека само 14% од жените го пријавиле во полиција нивниот најсериозен инцидент на насилство од страна на интимен партнер, и 13% го пријавиле во полиција нивниот најсериозен инцидент на насилство од стана на трето лице.
- Во светски рамки, повеќе од 700 милиони жени и ден денес биле венчани како деца (помали од 18 години). Повеќе од 1/3 – или 250 милиони – биле венчани пред да наполнат 15 години. Девојчињата невести често не се во можност ефективно да преговараат за безбеден секс, со што се доведени во ситуација на изложеност на сексуално преносливи инфекции, вклучувајќи ХИВ, како и рана бременост. Факт е дека тие девојчиња не се доволно физички созреани за да родат дете. Сиромашните девојки за 2,5 пати е поверојатно да стапат во брак пред полнолетство отколку девојките кои живеат во побогати услови.
- Помеѓу венчаните девојки, сегашните и/или поранешните интимни партнери се најчестите пријавени сторители на физичко насилство, во сите држави со достапни податоци.
- Трговијата запленува милиони жени и девојки во модерното ропство. Жените и девојките претставуваат 55% од проценетите 20,9 милиони жртви на принудна работна сила во светот, и 98% од проценетите 4,5 милиони принудени на сексуална експлоатација.
- Во САД, 83% од девојчињата од 8мо до 11то одделение (од 12 до16 години) имаат доживеано некој форма на сексуално малтретирање во јавните училишта.
Дополнителни пропусти:
- Жените во урбаните подрачја имаат двојно поголема веројатност од мажите да доживеат насилство, особено во земјите во развој.
- Во Њу Делхи, истражување од 2010 год покажало дека 66%’ од жените пријавиле дека доживеале сексуално малтретирање два до пет пати во текот на претходната година.
- Истражување спроведено во различни држави има регистрирано поврзаност помеѓу ХИВ и физичко и/или сексуално насилство, обете како фактори на ризик за ХИВ инфекција и како можна последица да се биде идентификуван како лице кое живее со ХИВ. Меѓурегионално истражување во Афричките земји, вклучувајќи ги Руанда, Танзанија, Јужна Африка и од неодамна Индија, постојано утврдувало дека жените кои доживеале насилство од страна на партнерот имаат поголема веројатност да се инфицирани со ХИВ.
- Во САД, на 11.8% од новите ХИВ инфекции помеѓу жените постари од 20 години, во изминатата година им се препишува дека се резултат на насилство од страна на интимниот партнер.
Високата цена на насилството
- Годишните трошоци на насилство од страна на интимниот партнер изнесувале 5.8 билиони долари во САД во 2003год и 22.9 билиони фунти во Англија и Велс во 2004год.
- Истражување од 2009 во Австралија утврдило дека трошоците од насилство врз жените и децата на годишно ниво изнесувале 13.6 билиони австралиски долари.
Република Македонија се вклучува во кампањата под мотото “Направи го твоето соседство портокалово”. Во текот на 16-те денови активизам ќе се спрoведат повеќе трибини, форуми, дебати и друг вид манифестации, со што во Република Македонија, како и во светот, ќе се сврти вниманието на јавноста кон овој значаен проблем.
Референци: