На 25 ноември се обележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој започнува светската кампања “16 дена активизам против насилството врз жените”, како една глобална, светска кампања која ја одбележуваат 1.700 организации во повеќе од 100 земји во светот. Кампањата почнува на 25 ноември со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршува на 10 декември со Меѓународниот ден на човековите права.

25 ноември е прогласен за Меѓународен ден на борба против насилството врз жените на првиот состанок на феминистките во Латинска Америка и Карибите (Feminist Encuentro), одржан во Богота 1981 година. На средбата, жените зборувале за семејното насилство, силувањата и сексуалната злоупотреба како и режимските насилства во кои жените страдаат, вклучувајќи тортура и насилство врз политичките затвореници. 25 ноември бил избран како ден на сеќавање на сестрите Mirabel (Patriа, Minervа i Mariа Teresа), кои биле брутално убиени од страна на диктаторот Rafael Trujillo во Доминиканската Република во 1960-та година.

Декларација на Обединетите нации (ОН), за елиминација на насилство врз жените 48/104, била усвоена на 20 декември 1993 година, а од 1999 година со резолуцијата на ОН 54/134, официјално за прв пат, почнува да се одбележува 25 ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.

Дефиниции

Конвенцијата на советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство или таканареченатаИстанбулска конвенција“, ги усвои следните дефиниции:

а. „насилство врз жените“ се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот;

б. „домашно насилство“ ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството, односно помеѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели, или го делел истото живеалиште со жртвата или не;

в. „род“ ги означува општествено конструираните улоги, однесувањата, активности и атрибути што даденото општество ги смета за соодветни за жените и за мажите;

г. „родово засновано насилство врз жените“ означува насилство насочено против жената само затоа што е жена;

д. „жртва“ е секое физичко лице кое е изложено на однесувањето наведено во а) и б) од овој член.

ѓ. поимот „жени“ ги вклучува и девојчињата на возраст под осумнаесет години.

Посебно внимание е посветено на различните видови родово засновано насилство (РЗН) јасно предвидени со Конвенцијата (психичко насилство, демнење, присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација, и сексуално вознемирување), имајќи предвид дека националните закони и политики главно се однесуваат на семејното насилство и одредени видови сексуално насилство.

Насилство има неколку форми како: физичко, сексуално, психичко, економско, структурно и духовно насилство. Повеќето од насилствата се комбинација на физичкото, сексуалното и психичкото насилство.

а. Физичко, сексуално и психичко насилство, кое се случува во семејството, вклучува тепање, сексуално злоставување на женските деца во домот, силување на брачниот партнер, генитално сакатење на девојчињата и останати традиционални постапувања штетни за жената, вонбрачно насилство и друго.

б. Физичко, сексуално и психичко насилство, кое се случува во општествената заедница, вклучува силување, сексуално злоставување, сексуален напад и малтретирање на работно место во образовните и другите институции, трговија со жените и присилна проституција.

ц. Физичко, сексуално и психичко насилство кое е сторено или толерирано од државата во која се случило.

Податоците од разни студии спроведени во светот покажуваат дека во сите земји во светот без оглед дали станува збор за развиени или неразвиени земји, без оглед на нивната религиската припадност, култура, возраста, или статусот, жената  е повеќе или помалку изложена на некој облик на насилство било да е физичко, сексуално или психичко. Насилството како такво представува најчест облик на кршење на човековите права во Европа. Според статистичките податоци, секоја трета жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна на закана од сексуално насилство. Жените во светот се предмет на насилство, а големината и вистинскиот карактер на овој проблем често остануваат скриени. Причина за ова е најчесто блага казнена политика во случаи на насилство врз жените и тоа испраќа ужасна порака дека насилството е легитимно и социјално прифатливо, а загрижува и фактот дека кривичните пријави често се отфрлаат и поради недостаток на докази, бидејќи жртвата не сака кривично гонење, или одлучува да не сведочи.

ЗА НАСИЛСТВО НЕМА ОПРАВДУВАЊЕ
НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ Е ЗЛОСТОРСТВО!

Референци

1.http://www.womenngo.org.rs/prakticne-politike/kampanje/16-dana-aktivizma/160-16-dana-aktivizma-protiv-nasilja-nad-zenama;

2.http://www.coe.int/en/web/istanbul-convention/home;