Р. Македонија, заедно со 75 држави во Европа, се придружи на иницијативата на Светската Здравствена организација (СЗО) по четврти пат да се одбележи Светската недела за рационална употреба на антибиотици, неделата околу 18 ноеври – Европскиот ден за рационална употреба на антибиотици, со која сакаме сите заедно да ја подигнеме свеста за рационална употреба на антибиотиците и да се заложиме за унапредување на здравјето на луѓето, животните и на животната средина во духот на едно здравје.
Отпорноста кон антибиотиците е растечка закана за глобалното здравје. Секоја година во светот умираат околу 700.000 луѓе како резултат на инфекции со бактерии отпорни кон повеќе антибиотици. Отпорноста кон антибиотиците е причина за смрт на 33.000 луѓе само во Европската унија секоја година и овој број се зголемува цело време.
Исти бактерии можат да бидат причина за заболување и кај животните и кај луѓето, преку надворешната средина, при што 60% од сите болести кај луѓето потекнуваат од животни. Ова ги прави здравјето на луѓето, животните и на животната средина неразделни кога станува збор за борбата против антимикробната резистенција, односно, пристапот “Едно здравje” е единствениот можен начин да се постигне вистински напредок во нашата земја, регионот и во светот.
Затоа МОРА да се знае дека:
- Од големо значење е да се почитуваат антимикробните средства кои се користат за лекување на инфекции кај животните и луѓето и да се користат со внимание.
- Кога спречуваме развој на отпорност на бактериите кај животните, во исто време ги штитиме и луѓето.
- .Исти класи на антимикробни средства се користат кај луѓето и кај животните што произведуваат храна
- Ланецот на храна е важен пат за пренос.
- Еден сектор сам не може да го реши проблемот
- Нема да бидат постигнати никакви промени во колку не се обезбеди посветеност од целото општество, целокупното население и од целата влада, да се преземат активности во сите сектори и на сите нивоа во Република Македонија
Обединети во заложбите за контрола на овој значаен проблем овогодишното одбележување на Светската недела за рационална употреба на антибиотици, под мотото Еден глас за Едно здравје го спроведовме со повеќе активности насочени кон ветеринарниот и здравствен сектор.
На 16.11.2018 година се одржа едукативен состанок со студентите на Факултетот за ветеринарна медицина, Скопје, во организација на студентскиот сојуз при факултетот – ИВСА, а со подршка на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробна резистенција при Министерството за здравство,ОИЕ, ФАО, СЗО канцеларијата во Скопје, Факултетот за ветеринарна медицина, Скопје и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
На 19ти Ноември, во Домот на хуманитарни организации Даре Џамбаз, во духот на ЕДНО ЗДРАВЈЕ, се оствари заедничка средба меѓу двата сектора – здравство, пред се примарната здравствена нега, и ветерина. На настанот се споделија искуствата со превземените мерки за контрола на АМР и состојбата со АМР во двата сектора и беа дадени насоки за идни активности. Поддршка на активностите дадоа голем број на институции како Министерството за здравство во чие име Др Владимир Милошев, државен секретар, го отвори настанот, Мултисекторската комисија за контрола на АМР при Министерството за здравство, Црвениот Крст на Р. Македонија кој се заложи за идно активно вклучување во процесот на зајакнување на свеста за рационална употреба на антибиотици кај населението, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје на Р. Македонија, Медицински факултет при Универзитетот Кирил и Методиј, Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев, Факултетот за ветеринарна медицина, Здружение на специјалисти по семејна медицина- респираторна група, Фондот за здравствено осигурување на Р. Македонија, Центарот за регионални истражувања и соработка Студиорум, и СЗО канцеларијата во Скопје. Медиумите дадоа своја подршка со споделување на информациите за итната потреба од разумна употреба на антибиотиците.
На 23ти ноември од страна на CAESAR тимот, Здружението на микробиолози на Македонија, СЗО и граѓанската организација Радар, организиран е состанок на националната CAESAR мрежа за следење на антимикробна резистенција на кој присуствуваа над 150 доктори вклучени во системот на следење на АМР кај инвазивни изолати – микробиолози, епидемиолози, и преставници од секундарното и терциерно здравство. Цел на состанокот е информирање за состојбата со антимикробната резистенција детектирана од инвазивните изолати која ќе им помогне на докторите во секундарното и терциерно здравство во одлука, базирана на национални докази, за избор на соодветен антибиотик при грижата за пациентите, како и да ги потсети на принципите за одговорно пропишување на антибиотици со земање на соодветен примерок за микробиолошка анализа пред да се пропише антибиотик. Состанокот започна со приказот досегашните и идни активности на CAESAR мрежата од страна на М-р д-р Б.К. Боцеска – ИЈЗ и Факултет за медицински науки, УГД-Штип, менаџер за CAESAR податоците. Следеше детален приказ на резултатите од надворешната контрола на квалитет на микробиолошките лаборатории и споредба на капацитетите на лабораториите од Р. Македонија со тие во Европа од страна на Доц д-р Г. Бошевска – ИЈЗ и Факултет за медицински науки, УГД-Штип, национален координатор за АМР. Состојбата со АМР во Р. Македонија беше презентирана од страна на проф д-р Ж. Цековска – Медицински факултет, УКИМ-Скопје. Проф д-р Н. Пановски-Медицински факултет, УКИМ-Скопје, претседател на Мултисекторската комисија за контрола на АМР ги презентираше трендовите на антимикробна резистенција во Македонија во споредба со балканските и европски држави. По презентацијата за првите изолати од хемокултури на карбапенем-резистентни ентеробактерии на проф д-р А. Кафтанџиева – Медицински факултет, УКИМ-Скопје, следеше жива дискусија.
Во борбата против антимикробната резистенција секој од нас треба да ја покаже својата највисока посветеност и да бидеме – Еден глас за Едно здравје.
Доц д-р Голубинка Бошевска
Национален АМР координатор