Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија во соработка со Мекедонското здружение за заштита при работа, учествуваше во изработка на публикација на група автори, насловена како „Проценка на ризик на работно место при изложеност на САРС-КоВ-2 вирусот“. Публикацијата треба да послужи како водич за индивидуална вкрстена квантификација на веројатноста дека работниците на своите работни места ќе бидат изложени на вирусот на САРС-КоВ-2 вирусот и веројатноста дека ќе развијат различна клиничка форма на болеста КОВИД-19, од асимптоматска болест до тешка клиничка слика, со веројатност за смртен исход. Со тоа, професионалната јавност, работодавачите и работниците се здобиваат со квантитативна мерка и моќна алатка за објективно утврдување на ризикот за инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот и развој на КОВИД-19 кај хронично болните работници при нивното враќање на работа.
Следејќи ги директивите и препораките на Европската Комисија и на Меѓународната организација на труд, во оваа публикација за прв пат кај нас, се предлага квантитативна матрица за проценка на условите на работното место и индивидуалната медицинска вулнерабилност (чувствителност) за појава и развој на КОВИД-19 на секој работник одделно. Методологијата се темели на утврдување на т.н. КОВИД-возраст како збир на додадени еквивалентни години кон годините на биолошката старост на работникот, а во зависност од неговите придружни забололувања кои тој ги има – зголемена телесна тежина, белодробни, кардиоваскуларни, малигни и/или други болести (коморбидитет).