Тутун – закана за развој

Секоја година, на 31 мај, СЗО и партнерите го одбележуваат Светскиот ден против пушењето (World No Tobacco Day), истакнувајќи ги здравствените и дополнителните ризици поврзани со употребата на тутун, и залагајќи се за ефективни политики за намалување на потрошувачката на тутун.

Темата за Светскиот ден против пушењето 2017 е “Тутун – закана за развој”.

За кампањата

  • Ќе ги претстави опасностите и заканите од тутунската индустрија врз одржливиот развој на сите земји, вклучувајќи ги здравјето и економската благосостојба на своите граѓани.
  • Ќе предложи мерки кои владите и јавноста треба да ги превземат за да се промовира здравјето и развојот со соочување со глобалната тутунска криза.
  • Потенцирање на поврзаноста помеѓу употребата на тутунски производи, контрола на тутунот и одржливиот развој.
  • Поттикнување на земјите да вклучат контрола на тутунот во нивните национални одговори на Агендата на одржлив развој 2030.
  • Поддршка на земјите членки и граѓанското општество во борбата против мешањето на тутунската индустрија во политичките процеси, со цел посилна национална акција за контрола на тутунот.
  • Поттикнување на пошироко учество на јавноста и учество на партнерите  во националните, регионалните и глобалните напори за развој и имплементација на стратегии и планови за развој и остварување на цели кои даваат приоритет на  акции  за контрола на тутунот.
  • Претставување како поединците може да придонесат за правење на одржлив, слободен свет без тутун, било да е тоа преку не земањето на тутунски производи воопшто, или со откажување од навиката.

Цели на  кампањата

Контролата на тутунот го поддржува  здравјето и развојот

СЗО повикува земјите да дадат приоритет и да ги забрзаат напорите за контрола на тутунот, како дел од нивните одговори согласно Агендата за одржлив развој 2030.

Сите земји имаат корист од успешно контролирање на тутунската епидемија, пред се преку заштита на своите граѓани од штетите од употреба на тутун и преку намалување на економскиот биланс врз националните економии. Целта на Агендата за одржлив развој, и нејзините 17 глобални цели (SDG-Sustainable Development Goals) , е да се осигура дека “никој нема да се запостави.”

Контролата на тутунот е утврдена со Агендата за одржлив развој. Таа се смета за еден од најефикасните средства за остварување на SDG целта 3.4 за една третина намалување на глобално ниво до 2030 година на прерани смртни случаи од незаразните болести (NCDs), вклучувајќи кардиоваскуларни болести, рак и хронични белодробни болести. Зајакнување на спроведувањето на СЗО Рамковната конвенција за тутун во сите земји е дополнителна цел која треба да биде исполнета од страна на владите кои развиваат национални одговори на одржлив развој.

Контролата на тутунот помага во постигнување и на други глобални цели

Освен спасување на човечки животи и намалување на здравствени нееднаквости, сеопфатната контрола на тутунот подразбира негативни влијанија врз животната средина од одгледувањето тутун, неговото производство, трговија и потрошувачка.

Контролата на тутунот може да го прекине циклусот на сиромаштија, да придонесе за ставање крај на гладот, да промовира одржливо земјоделство и економски раст и борба против климатските промени. Зголемување на даноците на тутунските производи, исто така може да се користи за финансирање на универзална здравствена заштита и други програми за развој на владата.

Не се само владите кои може да ги засилат напорите за контрола на тутунот – луѓето можат да придонесат на индивидуално ниво за правење на одржлив свет ослободен од тутун. Луѓето можат да се заложат никогаш да не земаат тутунски производи. Оние кои го користат тутунот можат да се откажат од оваа навика, или да побараат помош во тоа, со што ќе го заштитат сопственото здравје, и здравјето на луѓето кои се изложени на пасивното пушење, вклучувајќи ги децата, други членови на семејството и пријателите. Парите кои не се потрошени на тутун може да се искористат за други основни намени, вклучувајќи набавка на здрава храна, здравствена заштита  и образование.

Факти за тутунот, контролата на тутунот и развојните цели

  • Околу 6 милиони луѓе умираат од употреба на тутун секоја година, бројка која се предвидува дека ќе се зголеми на повеќе од 8 милиони годишно до 2030 година без превземена акција. Тутунот е закана за секое лице, без оглед на полот, возраста, расата, културата или образованието. Тој носи страдање, болест и смрт, осиромашување на семејствата и националните економии.
  • Употребата на тутунот ги чини националните економии енормно, преку зголемување на трошоците за здравствена заштита и намалување на продуктивноста. Се влошуваат здравствените нееднаквости и се зголемува сиромаштијата, бидејќи најсиромашните луѓе трошат помалку на основните потреби, како што се храна, образование и здравствена заштита. Околу 80% од предвремена смрт од употреба на тутун се случува во земјите со низок и среден приход, со што се зголемуваат предизвиците за постигнување на нивните цели за развој.
  • Одгледувањето тутун бара големи количини на пестициди и ѓубрива, кои можат да бидат токсични и ја загадуваат водата за пиење. Секоја година, одгледувањето тутун користи 4,3 милиони хектари земјиште, што резултира во глобалното намалување на површините со шуми помеѓу 2% и 4%. Производството на тутун, исто така, создава над 2 милиони тони цврст отпад.
  • Рамковната конвенција за контрола на тутунот (WHO FCTC) ја води глобалната борба против тутунската епидемија. WHO FCTC претставува меѓународен договор помеѓу 180 членки (179 земји и Европската унија). Денес, повеќе од половина земји во светот, кои претставуваат речиси 40% од светската популација (2,8 милијарди лица), имаат спроведено најмалку една од најпознатите ефективни мерки на WHO FCTC на највисоко ниво. Се поголем број на земји создаваат блокади со цел да се заштитат од мешање од страна на тутунската индустрија во владините политики за контрола на тутунот.
  • Преку зголемување на даноците за цигари на глобално ниво за само US $1, дополнителни US $190 милијарди може да се издвојат за развој. Високите даноци за тутунот создаваат дополнителни владини приходи, ја намалуваат побарувачката за тутун, и се важен прилив на приходи за финансирање на развојни активности.

 

 

Превземи брошура за Светски ден без тутун

превземи презентација – Светски ден без тутун, (1)

превземи презентација – Светски ден без тутун, (2)