31 мај 2016 година

Секоја година, на 31 мај, СЗО и партнерите го одбележуваат Светскиот ден без тутун (СДБТ), и притоа ги истакнуваат ризиците по здравјето од употребата на тутун и се залагаат за делотворни политики за намалување на потрошувачката на тутун.

За Светскиот ден без тутун оваа година – 31 мај 2016 – СЗО и секретаријатот на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот (РККТ) упатуваат апел до државите да се подготват за унифицирано (стандардизирано) пакување на тутунските производи.

Унифицираното пакување претставува битна мерка за намалување на побарувачката на тутун со која се намалува атрактивноста на тутунските производи, се ограничува употребата на пакувањето како форма на рекламирање и промоција на тутунот, се ограничуваат можностите пакувањето и етикетата да го доведат потрошувачот во заблуда и се зголемува делотворноста на предупредувањата за влијанието на тутунот врз здравјето.

Унифицираното пакување на тутунските производи се однесува на мерките кои ја ограничуваат или забрануваат употребата на сите амблеми, бои, слики од брендот или промотивни информации на пакувањето кои не се имиња на брендови и на производи прикажани во стандардна боја и стандарден стил на фонтот.

Упатствата за членовите 11 и 13 од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот препорачуваат земјите кои ја имаат ратификувано Конвенцијата да размислат за воведување на унифицирано пакување.

Унифицираното пакување се надоврзува на други мерки како дел од еден сеопфатен мултисекторски пристап кон воспоставувањето контрола на тутунот. Креаторите на политики, граѓанското општество и јавноста можат да преземат дејства со кои ќе се постигне нивните влади да размислат за воведување на мерката унифицирано пакување.

 

Факти за унифицираното пакување

Интересот за унифицирано пакување расте низ целиот свет:

  • Во декември 2012 година, Австралија стана првата држава која во целост воведе унифицирано пакување.
  • Во 2015 година, Ирска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Франција донесоа закони за воведување на унифицирано пакување почнувајќи од мај 2016 година.
  • Поголем број земји се во напредна фаза на процесот на разгледување на опцијата да донесат закони за унифицирано пакување.

 

Цели на кампањата на СДБТ 2016

Светскиот ден без тутун 2016 има за цел:

  • Да ја истакне улогата на унифицираното пакување како дел од еден сеопфатен и мултисекторски пристап кон воспоставувањето контрола на тутутнот.
  • Да го олесни изготвувањето на соодветни политики од страна на земјите-членки и глобализацијата на унифицираното пакување преку обезбедување информативни, уверливи и убедливи сознанија.
  • Да ги охрабри земјите-членки да ги зајакнат мерките во врска со пакувањето и етикетите и ограничувањата во делот на рекламирањето, промоцијата и спонзорството како што постепено ќе напредуваат кон остварување на крајната цел – унифицирано пакување.
  • Да им даде поддршка на земјите членки и на граѓанското општество како заштита од мешањето на тутунската индустрија во политичките процеси кои треба да доведат до донесување закони за унифицирано пакување.


 

  1. Листа со факти

Тутун

Листа со факти бр.339
Ажурирана во јули 2015 год.
6 јули 2015 год.

Клучни факти

  • Тутунот убива до една половина од своите корисници.
  • Тутунот убива околу 6 милиони луѓе секоја година. Повеќе од 5 милиони од овие смртни случаи се последица на директната употреба на тутун од страна на починатите, додека во повеќе од 600,000 случаи станува збор за непушачи кои биле изложени на чад од цигари и починале како резултат на пасивно пушење.
  • Речиси 80% од вкупниот број пушачи во светот, кој се проценува на една милијарда, живеат во земји со низок и среден доход.

Водечка причина за смрт, болест и осиромашување

Тутунската епидемија е една од најголемите јавноздравствени закани во историјата на човештвото, која убива по околу 6 милиони луѓе секоја година. Повеќе од 5 милиони од овие смртни случаи се последица на директната употреба на тутун, додека во повеќе од 600,000 случаи станува збор за непушачи кои биле изложени на чад од цигари и починале како резултат на пасивно пушење.

Речиси 80% од вкупниот број пушачи во светот, кој се проценува на една милијарда, живеат во земји со низок и среден доход каде товарот од болестите и смртноста поврзани со тутунот е најголем.

Корисниците на тутун кои умираат прерано ги лишуваат своите семејства од нивните приходи, ја покачуваат цената на чинење на здравствената заштита и го попречуваат економскиот развој.

Во одредени земји, деца од сиромашни семејства често работат тутун што најчесто претставува единствен извор на егзистенција за семејството. Овие деца се особено ранливи на „болеста на зелениот тутун“ којашто ја предизвикува никотинот што се апсорбира преку кожата од допирањето влажни листови тутун.

Надзорот има клучна важност

Добриот надзор ги следи големината и карактерот на тутунската епидемија и покажува како да се „кројат“ политиките. Само во една од три држави во светот, што значи една третина од светското население, се спроведува надзор над употребата на тутун преку повторување на секои 5 години на репрезентативни национални истражувања со млади и со возрасни лица.

Пасивното пушење убива

Пасивно пушење се случува кога чадот ги исполнува рестораните, канцелариите или друг затворен простор каде луѓето горат тутунски производи како на пример фабрички произведени цигари, рачно виткани цигари или наргиле. Во чадот од тутунот има повеќе од 4000 хемикалии, од кои за барем 250 е познато дека се штетни а за повеќе од 50 дека предизвикуваат рак.

Не постои безбедно ниво на изложеност на чад при пасивно пушење.

  • Пасивното пушење кај возрасните предизвикува сериозни кардиоваскуларни и респираторни заболувања вклучувајќи и коронарна срцева болест и рак на белите дробови; кај доенчињата може да предизвика ненадејна смрт, а кај бремените жени ниска родилна тежина на новороденчето.
  • Речиси една половина од децата редовно дишат воздух загаден од тутунски чад на јавни места.
  • Пасивното пушење е причина за повеќе од 600,000 случаи на прерана смрт годишно.
  • Во 2004 година, 28% од сите случаи на смрт предизвикана од пасивно пушење отпаѓаат на деца.

Секој треба да може да диши воздух во кој нема чад од тутун. Законите за заштита од пушење го штитат здравјето на непушачите, се популарни, не му штетат на бизнисот и ги охрабруваат пушачите да престанат да пушат.

Над 1,3 милијарди луѓе на Земјата, или 18% од светското население, се заштитени со сеопфатни национални закони за заштита од пушењето.

На корисниците на тутун им е потребна помош за да престанат да пушат

Истражувањата покажуваат дека малкумина ги разбираат конкретните ризици по здравјето од употребата на тутун. На пример, едно истражување спроведено во 2009 година во Кина откри дека само 38% од пушачите знаеле дека пушењето предизвикува коронарна срцева болест, а само 27% знаеле дека предизвикува мозочен удар.

Меѓу пушачите кои се свесни за опасностите од тутунот повеќето сакаат да престанат да пушат. Советувањето и лекувањето можат да ги удвојат (па и повеќе од тоа) шансите за успех на пушачите кои се обидуваат да престанат да пушат.

Национални сеопфатни услуги за откажување од пушење со целосно или делумно покривање на трошоците им стојат на располагање на корисниците на тутун во само 24 земји, што опфаќа само 15% од светското население.

Не постои помош за откажување од пушење од никаков вид во една четвртина од земјите со низок доход.

Предупредувањата со слики даваат резултат

Жестоките реклами против пушењето и експлицитните предупредувања на пакувањето – особено оние со слики – го намалуваат бројот на деца кои почнуваат да пушат и го зголемуваат бројот на пушачи кои се откажуваат од пушење.

Експлицитните предупредувања ја имаат таа моќ да ги убедат пушачите да го заштитат здравјето на непушачите така што ќе пушат помалку внатре во домот и ќе избегнуваат да пушат во непосредна близина на деца. Спроведените истражувања по воведувањето на сликовити предупредувања на пакувањата на цигарите во Бразил, Канада, Сингапур и Тајланд доследно покажуваат дека сликовитите предупредувања значително ја зголемуваат свеста на луѓето за штетните последици од пушењето.

Само 42 држави, што опфаќа 19% од светското население, ги исполнуваат критериумите за најдобра пракса за сликовити предупредувања, коишто критериуми бараат да има предупредувања на локалниот јазик и истите да покриваат во просек најмалку половина од предната и задната страна на пакувањето на цигарите. Најголем дел од овие земји се земји со низок или среден доход.

Медиумските кампањи исто така можат да ја намалат потрошувачката на тутун така што ќе влијаат врз луѓето да ги заштитат непушачите и ќе ги убедат младите да престанат да користат тутун.

Над половина од светското население живее во 39те земји каде била спроведена барем една силна медиумска кампања против тутунот во последниве две години.

Забраните за рекламирање ја намалуваат потрошувачката на тутун

Забраните за рекламирање, промоција и спонзорство во врска со тутунот можат да ја намалат потрошувачката на тутун.

  • Една сеопфатна забрана на сите рекламирања, промоции и спонзорства би можела да ја намали потрошувачката на тутун за околу 7% во просек, при што во некои земји падот на потрошувачката на тутун би достигнал и до 16%.
  • Само 29 земји, кои опфаќаат 12% од светското население, целосно ги имаат забрането сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство во врска со тутунот.
  • Во просек, една од три земји има воведено само минимални или нема никакви ограничувања во врска со рекламирањето, промоцијата и спонзорствата во врска со тутунот.

Даноците ја обесхрабруваат употребата на тутун

Зголемување на даноците е најделотворниот начин од трошковен аспект за намалување на употребата на тутунот, особено кај младите и сиромашните. Зголемување на акцизата со која би се зголемиле цените на тутунските производи за 10% ја намалува потрошувачката на тутун за околу 4% во земјите со висок доход и за околу 5% во земјите со низок и среден доход.

И покрај ваквите резултати, високите даноци за тутунот се мерка која ретко се применува. Само 33 земји, или 10% од светското население, имаат воведено даноци за тутунските производи од таква големина што повеќе од 75% од малопродажната цена отпаѓа на даноци. Расположивите податоци покажуваат дека приходите за државата по основ на оданочување на тутунот се во просек 269 пати повисоки од трошоците на државата за контрола на тутунот.

Нелегалната трговија со тутунски производи мора да престане

Незаконската трговија со тутунски производи предизвикува сериозна загриженост во областите на здравјето, економијата и безбедноста ширум светот. Се проценува дека една од десет цигари и други тутунски производи што се конзумираат на глобално ниво е дојдена во рацете на потрошувачот на незаконски начин. Незаконскиот пазар го поддржуваат голем број играчи – од ситни препродавачи па сѐ до организирани криминални мрежи што се занимаваат со незаконска трговија со оружје и луѓе.

Елиминирањето на незаконската трговија со тутун ќе ја намали штетната потрошувачка на тутун така што ќе ја ограничи достапноста на евтини и нерегулирани алтернативи и ќе доведе до зголемување на цените на тутунот и тутунските производи. Најважно е што на овој начин би се намалил бројот на случаи на прерана смрт од употреба на тутун и би пораснале даночните приходи за владите. Ставањето крај на незаконската трговија со тутунски производи е здравствен приоритет и истиот е остварлив. Сепак, за тоа да се постигне потребно е подобрување на националните и регионалните/локалните даночни системи и меѓународна соработка, како на пример ратификација и спроведување на Протоколот за елиминирање на незаконската трговија со тутунски производи којшто е посебен меѓународен договор што го создадоа државите кои ја имаат ратификувано Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот.

Иако тутунската индустрија на јавна сцена искажува поддршка за борба против незаконската трговија со тутунските производи, нејзиното однесување „зад завесите“ е доста поразлично од јавно искажаните заложби. Одредени интерни документи на субјекти од тутунската индустрија објавени како резултат на судски случаи покажуваат дека тутунската индустрија активно ја потпомага незаконската трговија со тутунски производи низ целиот свет. Оваа индустрија исто така работи на блокирање на примената на мерките за контрола на тутунот како што се зголемувањето на даноците и сликовитите здравствени предупредувања, под лажен изговор дека ваквите мерки ќе доведат до пораст на незаконската трговија со тутунски производи.

Одговорот од страна на СЗО

СЗО е посветена на борбата против глобалната тутунска епидемија. Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот стапи во сила во февруари 2005 година. Од тој момент до денес Конвенцијата ја ратификувале 180 држави или 90% од светското население, што ја прави еден од најприфатените договори во историјата на Обединетите нации.

Рамковната конвенција е најважната алатка на СЗО за контрола на тутунот и настан-меѓник во полето на промоцијата на јавното здравје. Конвенцијата претставува договор заснован на докази кој го потврдува правото на луѓето на највисок стандард на здравје, обезбедува правни димензии за меѓународна соработка во полето на здравјето и воспоставува високи стандарди за сообразување.

Во 2008 година, СЗО воведе практичен и економичен начин за поефикасна реализација на одредбите од Рамковната конвенција на терен – MPOWER (ЕМПАУЕР, што во превод значи ЗАЈАКНИ, а добиено според првите букви кај секоја од шесте мерки во англиската верзија). Секоја MPOWER мерка соодветствува на најмалку една одредба од Рамковната конвенција.

 

Шесте MPOWER мерки се:

  • Надгледувајте ги употребата на тутун и политиките за превенција.
  • Заштитете ги луѓето од употребата на тутун.
  • Понудете помош на пушачите за да се откажат од пушење.
  • Предупредувајте за опасностите од тутунот.
  • Спроведувајте ги забраните за рекламирање, промоција и спонзорства во врска со тутунот.
  • Покачете ги даноците за тутун.

 

За повеќе детаљи околу напредокот постигнат на планот на контролата на тутунот на глобално, регионално и национално ниво погледнете ги низата извештаи на СЗО за глобалната тутунска епидемија.

 

Протоколот за елиминирање на незаконската трговија со тутунски производи кон Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот бара широк спектар мерки кои се однесуваат на синџирот на снабдување со тутун вклучувајќи го и лиценцирањето на увозот, извозот и производството на тутунски производи, како и воспоставување на системи за следење и пронаоѓање на лицата кои се занимаваат со незаконска трговија со тутунски производи и нивно санкционирање. Протоколот исто така бара да се инкриминираат незаконското производство и прекуграничниот шверц на тутунски производи.

За повеќе информации, контактирајте со:

Центар за односи со медиумите на СЗО
Тел.: +41 22 791 2222
E-mail: mediainquiries@who.int

 

ПРЕВЗЕМИ БРОШУРА

ПРЕВЗЕМИ ПОСТЕР