„Менталното здравје и благосостојбата за сите да се направи глобален приоритет“
Менталното здравје е многу повеќе од недостаток на болест; тоа е и добросостојба којашто вклучува капацитет за формирање и одржување на релации, учење, работа, одмор и разонода, како и можност и право на лични одлуки и избори.
Многу аспекти на менталното здравје се голем предизвик. Пред пандемијата во 2019 година, се проценува дека 970 милиони луѓе на глобално ниво живееле со ментално растројство, односно еден од осум луѓе на глобално ниво живеел со ментално растројство. Покрај тоа, 14% од адолесцентите во светот (на возраст од 10-19 години) во 2019 година живееле со ментално растројство. Истовремено, постои недостиг на услуги, вештини и доволно финансирање на менталното здравје, особено во земјите со низок и среден приход.
Пандемијата Ковид-19 создаде глобална криза поврзана со менталното здравје, поттикнувајќи краткорочни и долгорочни стресови и поткопувајќи го менталното здравје на милиони луѓе. Проценките покажуваат дека порастот на анксиозноста и на депресивните растројства е повеќе од 25% во текот на првата година од пандемијата, услугите за ментално здравје се сериозно нарушени, а истовремено се продлабочи и јазот во потребите и можностите за третман на состојбите со ментално здравје. Така, покриеноста со ефективен третман останува исклучително ниска.
Менталното здравје и благосостојбата на многу здравствени, социјални и други работници беа погодени од пандемијата којашто покажа дека системите треба да зајакнат и да се подготват за обезбедување подобра поддршка на овој персонал за време на криза.
Ковид-19 покажа дека ниту една нација не е подготвена за соочување со последиците и ефектите врз менталното здравје коишто произлегуваат од кризата што укажува на тоа дека улогата на општеството и граѓаните е од огромна важност. Имено, улогата на граѓанското општество треба да зајакне и да овозможи луѓето да дадат свој придонес за менталното здравје и благосостојба во нивните заедници и работни места. Улогата на владите е од големо значење. Соработка помеѓу владите, граѓаните и креаторите на политиките неопходно е да се зајакне. Ниту една заедница и ниту еден поединец не треба да се оставаат надвор од системот.
Растечките социјални и економски нееднаквости, долготрајните конфликти, насилството и вонредните состојби во јавното здравје влијаат на целокупното население, загрозувајќи го напредокот кон подобрување на благосостојбата. Така, приближно 84 милиони луѓе ширум светот беа принудно раселени во текот на 2021 година. Оттука, се јавува потребата како поединци, заедници и влади да ја нагласиме важноста и вредноста на менталното здравје и да ја продлабочиме таа вредност со поголема посветеност, ангажираност и инвестиции од сите засегнати страни во сите сектори. Мора да ја зајакнеме грижата за менталното здравје, така што целосниот спектар на потреби за ментално здравје ќе биде задоволен преку мрежа на лесно достапни и квалитетни услуги.
Постојат сè повеќе докази дека превенцијата на менталното здравје е можна со користење на општи и насочени интервенции засновани на докази коишто можат да ги подобрат резултатите на поединците со ментално нарушување, но воедно и да го намалат ризикот од појава на ментални нарушувања. Ова подразбира примена на универзални превентивни мерки како што се промоција на политиките за социјално вклучување, поддршка и директни инвестиции за ранливите групи, како и инвестиции во заедниците. Потребна е поддршка на интервенциите за благосостојба во текот на целиот животен век почнувајќи од бременоста, раѓањето, раното детство, раната тинејџерска возраст, полнолетството, па се до зрелото доба. Треба да се работи на подобрување на социјалните детерминанти на здравјето, како и разбивање на стигмата и дискриминацијата во однос на менталното здравје коишто продолжуваат да бидат бариера за социјална вклученост и пристап до вистинската грижа. Тоа е причината поради која сите ние заедно треба да учествуваме во подигнување на свеста за важноста на превентивните интервенции за менталното здравје.
Агендата 2030 и Целите за одржлив развој (SDG’s) усвоена на 70-та сесија на Генералното собрание на ОН во 2015 година не може да се реализира доколку не биде направена значајна инвестиција во подобрување на менталната благосостојба за сите. Пандемијата Ковид- 19 покажа дека многу здравствени системи се лошо подготвени да се справат со физичките и менталните здравствени предизвици со кои се соочува нивното население. Работодавачите генерално се неподготвени. Затоа, културата на нашите работни места треба да биде насочена кон поддршка на менталното здравје и благосостојбата на работната сила, така што работодавачите ќе бидат подобро подготвени да го поддржат менталното здравје и благосостојбата на работата популација.
Промоцијата на менталното здравје и стратегиите за универзална превенција генерално се дизајнирани за зајакнување на благосостојбата на популацијата преку преобликување на детерминантите на менталното здравје низ индивидуалните, социјалните и структурните сфери на влијание за воспоставување поддржувачка средина за ментално здравје.
Универзалните стратегии и интервенции се разновидни. Многу интервенции се испорачуваат на ниво на заедница, на пример од даватели на здравствени услуги. Други, се испорачуваат на повисоки нивоа, на пример преку национални закони за работни односи или стратегии. Во пракса, универзалните интервенции често се комбинираат со различни стратегии на индивидуални, социјални и структурни нивоа.
Така, во 2019 година, СЗО ја започна Специјалната иницијатива за ментално здравје (2019-2023): Универзално здравствено покривање за ментално здравје за да се обезбеди пристап до квалитетна и достапна грижа за состојбите на менталното здравје во 12 приоритетни земји за повеќе од 100 милиони луѓе.
Националната стратегија за унапредување на менталното здравје во Република Македонија, пак, беше усвоена во 2018 година за седумгодишен период (2018-2025). Посебен акцент во оваа стратегија е даден на превенцијата од појавата на болести и промоцијата на менталното здравје, со соодветен план за организација на институциите за ментално здравје во секое ниво на здравствена заштита, со развој на систем за ментално здравје ориентиран кон заедницата. Во центарот на вниманието на оваа стратегијата е секој поединец и неговите потреби за подобрување на менталното здравје.
Сите ние замислуваме свет во кој менталното здравје се цени, промовира и заштитува; каде што секој има еднаква можност да ужива во него и да ги остварува своите човекови права и каде секој може да пристапи до потребната грижа за ментално здравје.
Светскиот ден на менталното здравје е можност сето ова да го реализираме со заеднички сили. СЗО ќе работи со партнерите на кампањата со слоган: „Менталното здравје и благосостојбата за сите да се направи глобален приоритет“. Ова ќе биде можност за луѓето со проблеми со менталното здравје, застапниците, владите, работодавачите, вработените и другите засегнати страни да се здружат за да го препознаат сето она што треба да биде направено со цел да се обезбеди менталното здравје и благосостојба да стане глобален приоритет. Затоа, ве покануваме да се приклучите на овогодинешната кампања, бидејќи тоа е императив со здружени напори да се оди по правиот пат за да го направиме светот подобро место за живеење.
Светски извештај за ментално здравје, 17.06.2022 година – податоци и цитати
Преваленца и оптоварување
- 970 милиони луѓе на глобално ниво живееле со ментално растројство во 2019 година
- 1 од 8 луѓе на глобално ниво живееле со ментално растројство во 2019 година
- 80% од луѓето со ментални нарушувања живеат во земји со низок и средно низок приход
- 26% зголемување на анксиозните нарушувања во првата година од пандемијата
- Зголемување од 28% на големо депресивно растројство во првата година од пандемијата
- 14% од адолесцентите во светот (на возраст од 10-19 години) живееле со ментално растројство во 2019 година
- 1 од 100 смртни случаи на глобално ниво се од самоубиства
- 58% од самоубиствата се случуваат пред 50-годишна возраст.
- 1 од 10 години на животот приспособени за попреченост се предизвикани од ментални, невролошки нарушувања и нарушувања на употребата на супстанции
- 10% од животните години прилагодени на попреченост предизвикани од депресивно растројство се припишуваат на сексуалниот однос во детството
- виктимизација на злоупотреба и малтретирање
- 1 од 6 години кои живеат со попреченост се предизвикани од ментални нарушувања
Економски трошоци
- 6 трилиони американски долари е проектираниот вкупен трошок во 2030 година на дефиниран сет на состојби на ментално здравје
- 12 милијарди продуктивни работни денови се губат секоја година само поради депресија и анксиозност, по цена од речиси1 трилион американски долари
- Сооднос 5 спрема 1 корист-трошок за зголемување на третманот за депресија и анксиозност
Ризици
- 84 милиони луѓе ширум светот беа принудно раселени во текот на 2021 година
- 7 пати поголем ризик од депресија кај луѓето со три или повеќе физички здравствени состојби
- 100 пати поголем ризик од смрт од самоубиство кај луѓето со ХИВ од другите
- 1/5 од сите самоубиства се од самотруење со пестициди
- 5,4 милиони деца на глобално ниво живеат во институционална грижа
Истражувања
- 7% од средствата за глобалните здравствени истражувања одат за менталното здравје
- Помалку од 5% од финансирањето за истражување во земји со низок и средно низок приход
Ресурси
- 2% од владините здравствени буџети се наменети за ментално здравје
- 1% од владините здравствени буџети се распределуваат на менталното здравје во земји со низок и средно низок приход
- 2 од 3 долари (66%) трошење на владата за ментално здравје оди на самостојни стационарни психијатриски болници
- 0,3% од глобалната развојна помош за здравје беше наменета за ментално здравје (2006–2016)
Услуги: покриеност и квалитет
- 71% од луѓето со психоза во светот не добиваат услуги за ментално здравје.
- 12% од луѓето со психоза во земјите со ниски приходи добиваат грижа за менталното здравје
- 1 од 10 вработени во институциите на земјите со висок приход признаваат физичко малтретирање на постарите лица во претходната година