Screenshot_20221117_110506

Светскиот ден на предвременото породување се одбележува секоја година на 17ти ноември. Секоја година околу 15 милиони бебиња се раѓаат предвреме – пред 37 недела од бременоста. Тоа е повеќе од 1 од 10 на живородени деца. Приближно 1 милион  деца умираат секоја година во светот поради компликации од нивното рано раѓање. Оние кои преживуваат често се соочуваат со доживотно кревко или лошо здравје вклучувајќи попреченост, тешкотии во учењето како и проблеми со видот и слухот. Темата за Светскиот ден на предвремено родените за 2022 година се одбележува под слоганот: Родителска прегратка: моќна терапија! Овозможете контакт кожа со кожа од моментот на раѓањето.

Половина од бебињата родени во или под 32 недела (2  месеци порано) умираат во услови со ниски приходи, поради недостаток на изводлива грижа како што се  топлина, поддршка за доење и основна грижа и заштита од инфекции и тешки респираторни нарушувања. Во земјите со висок приход речиси сите од предвремено родените бебиња преживуваат.

Во Република Северна Македонија стапката на смртност кај доенчиња за 2021 изнесува 4,6 умрени доенчиња на 1000 живородени деца. Додека стапката на смртност кај доенчиња за 2012 година изнесувала 9,8 умрени доенчиња на 1000 живородени. Во дадениот период бележиме позитивен тренд на намалување на доенечката смртност.

Минатата година на Светскиот ден на предвременото породување, Светската здравствена организација издаде нов патоказ за стратегии наменети за човечките ресурси за подобрување на грижата на новороденчињата во здравствените установи во земјите со нисок и среден приход, чија цел е подобрување на квалитетот на здравствената грижа на новороденчињата вклучувајќи ги и предвремено родените како и болните бебиња. Преку поддршката на земјите целта е да се постигнат Целите на оддржлив развој за намалување на неонаталната смртност на помалку од 12 на 1000 живородени до 2030 година.

Неонаталната нега е нераскинливо поврзана со мајчината перинатална грижа и благосостојба. Обезбедување на добри услови и интервенции и за мајката и за бебето  се тесно поврзани особено во моментот на раѓање. Лекарите и акушерите како и вешти родилки се клучни за обезбедување на висококвалитетна грижа за новороденчето и подобрување на исходот на новороденчето. Клучот  не е само во моментот на раѓање и при рутинската пост натална нега, туки и високо квалитетна заштита во здравствените установи каде се упатуваат мајките и новороденчињата со компликации. Земјите кои го подобрија здравјето на мајките и новороденчињата во текот на изминатите три децении преку инвестиција во работната сила во медицинските сестри и акушерството, постигнаа постојани намалувања на смртноста кај мајките и новороденчињата.

Критични празнини остануваат во неонаталната нега како и бројот на специјализирани лекари. Преживувањето на недоносените  бебиња во земјите со висок приход е поврзано и со специјализирани неонатални медицински сестри и медицински сестри кои работат во смени како и нивото на специјалистичко образование и искуство на медицинските сестри кои пружаат нега. Специјализираните медицински сестри се од суштинско значење за грижата на мали и болни новороденчиња, а докажано е ѝ дека ги подобруваат шансите на преживување и го подобруваат напредок на бебињата. Сепак и покрај виталната нега на медицинските сестри во грижата за болните новороденчиња во многу земји неонаталната нега како посебен гранка и  кадар не е широко призната, некои земји имаат и неформални обуки.

За да се спасат 1,7 милиони новороденчиња секоја година и да се постигнат Целите на оддржлив развој до 2030 приоритет е да се обезбеди универзална здравствена покриеност и висококвалитетна нега на новороденчиња преку инвестирање во:

  • Стратегии за да се обезбеди универзален пристап до висококвалитетна основна нега за новороденчиња, вклучително и функционален систем за упатување на мали и болни новороденчиња и нивните мајки; Интервенциите треба да вклучуваат минимална одвоеност на бебето од мајката, рано и ексклузивно доење, навремено доење, реанимација на 10% на доенчињата на кои им е потребна при раѓање и рана идентификација и упатување на мали и болни новороденчиња. Акушерките и медицинските сестри, во соработка со родителите треба да обезбедат суштинска заштита;  пристап до брз и достапен специјалистички преглед и совет доколку е потребен.
  • Политики за обезбедување на универзален пристап до висококвалитетна специјализирана болничка нега за новороденчиња предвремено родени или болни бебиња. На малите и болни  новороденчиња им е потребна посебна поддршка и навремена, висококвалитетна болничка нега за да преживат. Сето ова бара посветеност, посебен простор, опрема и услуги за поддршка како и лабораториски и радиолошки услуги и грижа што е достапна во секое време. Медицинските сестри и акушерки со специјализирани вештини за интензивна нега на новороденчиња треба да пружаат нега поддржана од лекари и други членови на мултидисциплинарните неонатални тимови. Се проценува дека речиси половина од животите на  предвремено родените бебиња можат да се спасат со обезбедување на специфични интервенции. Со висококвалитетна покриеност, висококвалитетна специјална и интензивна нега.

 

За превенција од превремено раѓање најважна е антенаталната грижа да биде достапна на секоја жена. Редовни контроли кај матичниот лекар, уредно придржување кон препораките и советите,  како и терапијата која е дадена од лекарот. Споведување на стручните совети од гинекологот се значаен фактор во превенција за предвремено родените деца.

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и превенција на болести

 

Користена литература:

1.Human resource strategies to improve newborn care in health facilities in low and middle -income countries, World Health Organization,2020, Available at: https://apps.who.int/iris/bitstream/handle/10665/336677/9789240015227-eng.pdf?sequence=1&isAllowed=y

 

  1. Guide to the UNICEF UK Baby Friendly Initiative Neonatal Standards, Available at: https://www.unicef.org.uk/babyfriendly/wp-content/uploads/sites/2/2022/03/UNICEF-UK-Baby-Friendly-Initiative-Guide-to-the-Neonatal-Standards.pdf

 

3.World Prematurity Day, 2022,Available at: https://www.efcni.org/activities/campaigns/wpd/

 

  1. МАКСтат- база на податоци,  Република Северна Македонија Државен завод за статистика, 2022