Изградете го светот што го сакаме: Здрава иднина за сите

 

Универзалната здравствена покриеност значи дека сите луѓе имаат пристап до здравствените услуги коишто им се потребни, секогаш и секаде кога им се потребни без финансиски тешкотии. „Универзалната здравствена покриеност“ е дел од „Целите за одржлив развој“ на Обединетите нации (ОН) и опфаќа целосен спектар на суштински (есенцијални) здравствени услуги, од промоција на здравје до превенција, третман, рехабилитација и палијативна нега во текот на животот. Сите земји-членки на Обединетите нации се согласија дека ќе се обидат да постигнат универзална здравствена покриеност до 2030 година, како дел од Целите за одржлив развој од 2015 година. Земјите ја потврдија оваа посветеност на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за универзална здравствена покриеност во 2019 година.

Моментално, најмалку половина од луѓето во светот немаат пристап до здравствените услуги што им се потребни. Дополнително, околу 100 милиони луѓе секоја година влегуваат во екстремна сиромаштија поради плаќања за здравствени услуги од сопствен џеб. Исто така, факт е дека над 930 милиони луѓе трошат најмалку 10% од вкупниот буџет на своето домаќинство за обезбедување здравствена заштита. Сето ова, мора да се промени.

Со цел што поскоро да го направиме здравјето за сите реалност, потребни ни се: поединци и заедници кои имаат пристап до висококвалитетни здравствени услуги и можност да се грижат за сопственото здравје и здравјето на нивното семејство; квалификувани здравствени работници кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги и грижа за своите пациенти; и креатори на политики кошто ќе бидат посветени на инвестирање во универзална здравствена покриеност.

Универзалната здравствена покриеност треба да се заснова на силна примарна здравствена заштита ориентирана кон луѓето. Добрите здравствени системи се фокусирани не само на спречување и лекување на болести, туку и на подобрување на благосостојбата и квалитетот на животот.

Заштитата на луѓето од финансиски аспект, односно плаќањето на здравствени услуги од сопствен џеб на поединците го намалува ризикот тие да бидат турнати во сиромаштија бидејќи соочувањето со неочекувана болест бара од нив да ги потрошат своите животни заштеди, да продаваат имот за да дојдат до пари или да позајмуваат – уништувајќи ја сопствената иднина и најчесто иднината на нивните деца.

Како земјите можат да постигнат напредок во однос на универзалната здравствена покриеност?

Многу земји веќе постигнаа напредок по однос на ова прашање, иако на глобално ниво пандемијата КОВИД-19 влијаеше на достапноста и способноста на здравствените системи да обезбедуваат непречени здравствени услуги. Сите земји можат да преземат активности за побрзо движење кон целта и покрај неуспесите предизвикани од пандемијата КОВИД-19. Доброто здравје им овозможува на децата да учат, а на возрасните да заработуваат, им помага на луѓето да избегаат од сиромаштијата и обезбедува основа за долгорочен економски развој.

Придвижувањето кон универзалната здравствена покриеност бара зајакнување на здравствените системи во сите земји. Кога луѓето треба да го платат најголемиот дел од трошоците за здравствените услуги од својот џеб, сиромашните често не можат да добијат многу од услугите што им се потребни, па дури и богатите може да бидат изложени на финансиски тешкотии во случај на тешки или долготрајни боледувања.

Подобрувањето на покриеноста со здравствените услуги и здравствените резултати зависат од достапноста, пристапноста и капацитетот на здравствените работници да обезбедат квалитетна интегрирана грижа насочена кон луѓето. Пандемијата КОВИД-19 уште еднаш ја покажа непроценливата улога на здравствената работна сила и важноста од проширување на инвестициите во оваа област. За да се исполнат барањата коишто се однесуваат на здравствената работна сила од Целите за одржлив развој и Универзална здравствена покриеност, потребни се над 18 милиони дополнителни здравствени работници до 2030 година. Јазот во понудата и побарувачката за здравствени работници е најголем во земјите со низок и среден приход. Се предвидува зголемената побарувачка за здравствени работници да обезбеди околу 40 милиони нови работни места во здравствениот сектор во глобалната економија до 2030 година. Пандемијата КОВИД-19, која првично несразмерно ја погоди здравствената работна сила, ја истакна потребата од заштита на здравствените работници – приоритет на инвестициите во однос на нивното образование и вработување, како и обезбедување пристојни услови за работа.

Универзалната здравствена покриеност нагласува не само кои услуги се покриени, туку и како тие услуги се финансираат, управуваат и испорачуваат. Потребна е фундаментална промена во испораката на услуги, така што услугите ќе бидат интегрирани и фокусирани на потребите на луѓето и заедниците.

Секоја година на 12 декември, СЗО/Европа го одбележува Денот на универзалната здравствена покриеност со тоа што ги повикува светските лидери и сите во општеството да ги забрзаат инвестициите за здравје за сите – свет во кој секој може да пристапи до потребната квалитетна здравствена заштита, секогаш и секаде кога му е потребна, без опасност од финансиски тешкотии.

Овогодинешната кампања доаѓа во критично време, кога земјите од европскиот регион на СЗО се опоравуваат од пандемијата КОВИД-19 и се соочуваат со нови предизвици – војна, бегалски текови, зголемени трошоци за енергија и зголемување на трошоците за живот. Во вакви времиња, универзалната здравствена покриеност е поважна од кога било.

Замислете нашите општества и економии да бидат дизајнирани на начин каде што приоритет ќе биде здравјето на сите. Имено, никој нема да се грижи дали има безбедна и здрава храна на трпезата, ниту пак да стравува дали ќе се разболи од загадениот воздух. Секој би уживал во продуктивна и исполнета работа без штета по физичкото или менталното здравје. Секој поединец би имал пристап до здравствената заштита што му е потребна, без финансиски тешкотии.

Ова отсекогаш била визијата на СЗО – амбициозна цел што се нарекува универзална здравствена покриеност. Меѓутоа, новите предизвици може сериозно да го загрозат заедничкиот напредок кон универзалното здравствено покритие.

Пандемијата КОВИД-19 ја истакна суштинската улога што ја играат здравјето и здравствените услуги во нашите животи. Но, исто така, влијаеше и на продлабочување на постојните нееднаквости, туркајќи ги луѓето во уште поголема сиромаштија и подигајќи ги бариерите за пристап до основните здравствени услуги.

Војната во Украина воведе нов сет на предизвици. Милиони Украинци избегаа во соседните земји, а нивните здравствени потреби се движат со нив. Бидејќи земјите ги пречекаа луѓето од сите возрасти, тие мораа да се приспособат за да обезбедат секој да има пристап до целокупниот опсег на здравствени услуги, вклучително и лекови, без административни, комуникациски или финансиски бариери.

За Украинците кои останаа дома, пристапот до здравствена заштита во активна воена зона стана секојдневна борба дополнета со безбедносни закани и прекини на струја.

Во исто време, милиони луѓе ширум Регионот се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и пад на реалниот расположлив доход – криза на трошоците за живот што го загрозува нивното здравје и нивниот пристап до здравствена заштита.

Наспроти сето ова, на овој ден посветен на универзалната здравствена покриеност, СЗО/Европа ги повикува сите земји во регионот да дејствуваат брзо за да ги решат недостатоците поврзани со здравствената покриеност и да ги намалат плаќањата од џеб за здравствена заштита, особено за луѓето со ниски приходи.

Кога здравјето како основно човеково право го поддржуваат сите земји и сектори, поставена е цврста основа за градење на свет што сите го сакаме и заслужуваме, свет каде што секој, секаде и во секое време ќе може да ја добие потребната здравствена заштита без да стравува дека ќе биде турнат во сиромаштија, поради тоа што треба да плати за добиените услуги. Ова е главната цел што понатаму ќе овозможи остварување на сите останати цели.

Светот што го посакуваме започнува со:

Правичност

За правично функционирање на здравствените системи, тие мора да работат за секого – независно за кого се работи, каде живее или колку финансиски средства поседува. Правичната здравствена покриеност ги става жените, децата, адолесцентите и најранливите на прво место, бидејќи тие се соочуваат со најзначајните бариери поврзани со основната грижа.

Доверба

Сите ние заслужуваме здравствен систем за кој знаеме дека ќе биде тука за нас во текот на целиот наш животен век. Доверливите здравствени системи обезбедуваат висококвалитетни услуги во здравствените установи за примарна здравствена заштита, соодветна опрема за здравствените работници, ги поддржуваат здравствените работници од првите редови и нудат транспарентно здравство.

Здрави средини

Нашето здравје е под влијание на средината во која живееме, учиме, растеме, работиме. Овие состојби можат да имаат голем ефект врз нашето здравје. Универзалната здравствена покриеност оди рака под рака со охрабрувањето на заедниците да градат здрави средини кои промовираат холистичка физичка, ментална и социјална благосостојба.

Инвестиција

Инвестирањето во Здравје за сите е столбот на просперитетното општество. Зголемувањето на јавното финансирање во здравството и намалувањето на плаќањата од џеб спасува животи, ја гради отпорноста на закани од пандемијата и ги унапредува Целите за одржлив развој.

Одговорност

Преклопувањето на пандемијата со КОВИД-19 и хуманитарните и климатските кризи го направија движењето на секоја земја до Здравје за сите, поитно. Сега е време лидерите да преземат акција за исполнување на заложбите за универзално здравствено покритие и граѓанското општество да бара одговорност од нив.

Во светот што го посакуваме, секој поединец може да пристапи до квалитетни здравствени услуги без финансиски тешкотии. Универзалната здравствена покриеност ги извлекува луѓето од сиромаштија, ја промовира благосостојбата на семејствата и заедниците, штити од кризи во јавното здравје и нè движи кон Здравје за сите.