Во периодот од 19-ти до 21-ви ноември 2014 година, во Рим, Италија, се одржа 2-рата Меѓународна конференција за исхрана (ICN 2). Конференцијата имаше за цел да го оцени прогресот на државите во областа на исхраната, по првата ваква конференција одржана на истото место во 1992 година (ICN 1). Конференцијата заеднички ја организираа ФАО и СЗО.

На конференцијата присуствуваа шефови на држави, влади и претставници од сите земји членки на Обединетите нации.

На конференцијата се донесоа два клучни документи и тоа Римската декларација и Рамката за акција до 2025 година. Документите ги посочуваат сферите во областа на исхраната во кои во иднина треба интензивно да се работи за намалување и елиминирањена малнутрицијата и здравствените последици од истата.

 

Со решение на Министерот за здравство, а во својство на Национален соработник за храна и исхрана за соработка со СЗО, делегацијата на РМ ја предводеше ас. д-р Игор Спироски, началник на одделението за физиологија и мониторинг на исхрана при ИЈЗРМ. Во делегацијата беше и постојаниот претставник на РМ во ФАО г-ѓа Елисавета Пановска.

IMG_5207

Покрај пленарниот дел, на конференцијата имаше организирано поголем број на настани на кои во помали групи се разговараше за проблемите со пореметувањата во исхраната односно за неухранетоста и за зголемената телесна тежина и дебелина и се разменуваа искуства на земјите во справувањето со проблемите кои се присутни во најголемиот дел на државите во светот.

Конференцијата беше и можност за билатерални средби на претставници на земји и меѓународни организации со кои беа разгледани можностите за идна соработка во рамките на размена на искуства, тренинг и заеднички настап пред фондовите за наменети за истражувачки програми.

Посебно треба да се истакне обраќањето на конференцијата на Папата Франциско, кој ја нагласи потребата од справување со последиците од недоволната исхранетост, како и од зголемената телесна тежина и дебелината и влијанието на тие состојби врз здравјето и достоинството на луѓето.

FullSizeRender (3)

Сите информации за конференцијата може да се најдат на официјалниот сајт на настанот на следниов линк:

http://www.fao.org/about/meetings/icn2/en/